Првпат по 30 години плочите ги победуваат ЦД-ата во Британија

Оваа година, по прв пат од 1980-тите години, се очекува дека во Велика Британија ќе бидат продадени повеќе грамофонски плочи од компактни дискови (ЦД-а), според податоците од Британската фонографска индустрија (БФИ).

Како што објави Би-Би-Си, познатиот ланец супермаркети „Сајнзберис“ одлучил да ја сопре продажбата на ЦД и ДВД дискови со образложение дека купувачите својата омилена музика сè повеќе ја купуваат преку онлајн платформите. Но, истовремено, медиумот јавува дека големите трговски ланци засега немаат намера да ги повлечат музичките плочи од своите рафтови.

Минатата година продажбата на ЦД-а достигнала 115 милиони фунти, што според податоците на Британската фонографска индустрија, укажува на повеќегодишниот пад на вредноста на продажбата, додека истовремено продажбата на плочи достигнала рекордна вредност од 86 милиони фунти, а нејзиниот раст се очекува и во иднина.

„Вредноста на продадените плочи би требало да биде повисока од продажбата на ЦД-а во 2021 година, и тоа е прв таков случај од доцните 80-ти години“, велат од БФИ.

„Плочите денеска се исклучително популарни, а дисковите едноставно излегоа од мода“, рекол познавачот на приликите во музичката индустрија, Грем Џонс за Би-Би-Си, но сепак додал дека „уште не е време да се прогласи смрт на ЦД-ата“.