Прво издание на „Дојран Рок Фест“ на 7 август

Како нов проект, Здружението Андерфест го најави првото издание на Дојран Рок Фест, кое ќе се одржи на 7 август 2021 година на плоштадот во Стар Дојран.

„Особено сме горди и посебно возбудени за овој проект бидејќи излегуваме од границите на градот Скопје и се упатуваме кон нашиот бисер на југот Дојран“, соопштија организаторите на фестивалот.

Тие најавија настап на неколку реномирани, но и млади изведувачи. Планот е овој фестивал да биде традиционален и да влезе во агендата на летни фестивали кои во екот на туристичката сезона ќе привлечат уште повеќе млади лица во Дојран.

На фестивалот ќе настапат 5 различни домашни музички групи: Bad Obsession, High Voltage, Cruel, Daktili и The Chicks.

Влезот ќе биде бесплатен, а сите посетители мора да се придржуваат до мерките пропишани за одржување на јавни настани и одржување на пропишаната физичка дистанца. Настанот е поддржан од Министерство за култура.