Утре почнува „Д Фестивал“

Утре започнува најголемиот македонски фестивал на алтернативна музика под отворено небо – „Д Фестивал“.

Тридневната програма на летниот фестивал што по 11-ти пат се одржува крај Дојранското езеро е пополнета со над 50 светски имиња што тргнуваат од жанрот на електронска музика, поминуваат преку прагот на реге, хип-хоп, транс, пост-рок, рок, панк се до метал и уште многу други елементи на видовите музика, сите пристигнуваат на годинешниот „Д фест“ .

 На секоја од шесте бини за време на трите фестивалски дена што ќе го одбележат почетокот на седмиот месец ќе се претстават и македонски артисти, музичари и бендови, меѓу кои се хип-хоп групата „Чиста околина“, „Зад аголот“, „Луфтанза“, „Перија“, проектот „Пијан Славеј“ на Бранислав Николов, „Хајка“, „Короужн“, „Преку ред“, Дина Јашари, Флудер, Џантрикс…

Креативното јадро на омилениот фестивал, ПлоштАрт ќе понуди бројни дискусии, работилници, изложби, промоција на нови артисти, дискусии, а „Пасворд“ ветува фестивалски помин со илјадници ваши луѓе, сонце, музика и љубов.

 

Оваа година за прв пат ќе биде воведена „ТАНТЕ“, официјалната платежна картичка и само со неа ќе може да се купи храна, пијалок, сувенир и сѐ друго на продажните пунктови во рамките на Фестивалот.

Вратите за сите фестивалски кампери кои со билетот земале дополнително камп место се отвораат денес во 15:00 часот.

„Тоа што денес е тродневна прослава на позитивната атмосфера преку музика, филм, театар…претставено на неколку бини и фестивалски камп а посетено од 15000 насмеани лица, пред 11 години имаше навистина друга форма која можеби и не ветуваше дека овој фестивал ќе израсне во тоа што е денес, симбол на заедништвото, убаво поминатото време, дружењето и на крај на денот љубовта“, пишуваат од „Пасворд продукција“.

„Токму љубовта“, како што велат е „основниот двигател и мотив на сите присутни на фестивалот, организаторите, артистите и публиката. И сето тоа на Дојранското езеро, мало ама жилаво…токму како сите нас. Мал ама силен магнет за стотици интернационални, регионални и локални артисти“.

Досега на „Д фест“ имаат настапувано: Manu Chao La Ventura, Paul Van Dyk, Roger Sanchez, Inister, Egoruthmia, Conquering Lion, Кирил Џајковски, Spectrum, Влатко Стефановски, Kain, Bass Infusion и многу, многу други.