Првиот твит на шефот на Твитер продаден за 2.9 милиони долари

Шефот и коосновачот на Твитер, Џек Дорси вчера го продаде неговиот прв твит во форма на незаменлив токен (НФТ) за нешто повеќе од 2.9 милиони долари, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Твитот е во форма на НФТ, нов дигитален токен сличен на криптовалутите, кои претставуваат уникатно дигитално средство чија популарност „експлодираше“ во 2021 година.

Секој НФТ кој се темели на блокчејн технологијата има свој дигитален потпис кој служи како јавна книга, овозможувајќи им на корисниците да ја потврдат автентичноста и сопственоста на средството.

„Само што го подесувам својот ‘twttr’“, гласеше првиот твит на Дорси, објавен на 21 март 2006 година.

Средството НФТ е продадено на аукција на платформата „Valuables“, која е во сопственост на американската компанија „Cent“. Купено е со користење на криптовалутата „Ether“ која во моментот вредеше 2.9 милиони долари, потврди Камерон Хејази, извршниот директор и коосновач на „Cent“.

Од компанијата соопштија дека твитот го купил Сина Естави, извршен директор на фирмата „Bridge Oracle“, со седиште во Малезија.

Дорси кој е вљубеник во виртуелната криптовалута биткоин, на 6 март на Твитер објави линк за продажба на НФТ, по што три дена подоцна објави дека приходот од аукцијата ќе го претвори во биткоин и ќе го донира на луѓето во Африка кои се заразени со коронавирусот.