Протестите против поскапувањето на струјата денеска продолжуваат ширум земјава

Скопје, Гостивар, Битола, Тетово и Кичево се вбројуваат во градовите каде денеска продолжуваат протестите против одлуката за поскапување на струјата.

Со почеток од 19 часот во Скопје ќе се протестира пред Владата, а во истото време протест е закажан и во Тетово и Кичево на градските плоштади. Гостиварци најавија дека од 14 часот ќе маршираат од пред Домот на културата.

Фонтаната кај Националната установа „Завод и музеј“ во 18 часот е местото каде битолчани овој петок ќе излезат на протест.

Протестите кои траат речиси еден месец низ повеќе македонски градови започнаа по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на струјата за домаќинствата да се зголеми за 7.4%, односно 5.9 денари за еден киловат скапа струја. Граѓаните на социјалните мрежи тогаш бурно реагираа и негодуваа поради ваквата одлука.