Протести против поскапувањето на струјата закажани во Тетово, Чаир и Гостивар

Одлуката на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за зголемување на цената на електричната енергија е само една од причините поради кои во четврток со почеток од 19 часот ќе се протестира на плоштадот „Илирија“ во Тетово и во паркот Чаир во Скопје. Организаторите на овие настани посочуваат дека протестот е организиран и поради, како што велат, монополот на услугите на компанијата ЕВН и „нивното неправилно однесување со клиентот“.

Тие бараат распуштање на Регулаторната комисија за енергетика, за која велат дека им служи на интересите на деловните групи и корпорациите, а бараат формирање на независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.

„Водени од бројните реакции на граѓаните по неодамнешното покачување на цената на електричната енергија за покривање на загубите на производителите, но и од реакцијата на граѓаните за неправилни услуги на енергетските компании кон нив и мотивирани да се обезбеди решение за стариот проблем кој досега не бил доволно решен, со цел да се спречат насилни и радикални реакции и однесување на одредени групи на лути граѓани, ние, Иницијативниот совет за организирање на протестот против покачувањето на цената на електричната енергија и многу други проблеми поврзани со енергијата, ги покануваме граѓаните на Тетово и околината, да ни се придружат во четврток“, стои во соопштението на иницијативата.

Оттаму ги повикаа граѓаните кои ќе учествуваат на протестот да ги почитуваат препораките и мерките за заштита од пандемијата на Ковид-19, а упатија и повик до невладините организации и институциите да ја поддржат организацијата на протестот.

Преку Фејсбук страницата „Идиокрација – Гостивар“ пак протест е најавен и во Гостивар во исто време, пред седиштето на компанијата „ЕВН“.

Во меѓувреме, иницијативата „Млади за Македонија“ започна онлајн петиција насловена „Граѓанска иницијатива за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“. Во петицијата објаснуваат дека граѓаните се револтирани на покачувањето и вознемирени од последиците врз цените на производите и услугите во Македонија.

Најавата за ваквите настани доаѓа по одлуката на РКЕ, цената на струјата за домаќинствата да се зголеми за 7.4%, односно 5.9 денари за еден киловат скапа струја. Граѓаните на социјалните мрежи бурно реагираа и негодуваа поради ваквата одлука.

Струјата поскапува за 7.4%, евтината тарифа останува