Протест против бетонизација на Лисиче на 14 јуни

Иницијативата Да го зачуваме Лисиче преку социјалните мрежи повика на протест против бетонизација на Лисиче, кој ќе се случува на 14 јуни. Збирното место ќе биде кај крстот на влезот на населбата Лисиче.

„Ние жителите на Населба Лисиче ве повикуваме на протестна блокада на булевар Србија на 14.06.2023 среда со почеток во 17:30 часот. Заедно да кажеме стоп на урбаната мафија и насилната бетонизација која ни следува! Ги повикуваме сите граѓани кои се гневни на градежниот геноцид кои му случува на Скопје, да дојдат и заедно да спречиме населба Лисиче да стане дел од таа приказна!“, стои во повикот.

Иницијативата Да го зачуваме Лисиче во мај организираше протестен собир пред Општина Аеродром, а претходно имаше и петиција против ДУП во Лисиче. Иницијативата посочи дека доколку се донесе и се спроведе предложениот ДУП за Лисиче, оваа населба веќе нема да биде населба со семејни куќи, туку во неа ќе изникнат дури девет згради, од кои една 11-катница и три на седум ката.

Жителите уште додека планот беше на јавна анкета, се обидоа со поднесување анкетни листови да ја спречат штетата со која, како што рекоа, ќе се наруши спокојниот живот во населбата, а петиција беше потпишана од над 700 жители.

Петицијата ја доставија до градоначалникот Тимчо Мицунски и до службите на Општина Аеродром, до градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски и до Народниот правобранител.

Инаку, Призма во април објави дека новиот предлог ДУП за Лисиче во населбата во која досега имало само куќи предвидува 9 згради од кои 3 на 8 нивоа, а една има и 12 нивоа. Најголемата зграда се паднала на парцели кои претходно се купени од сопственици на една од најактивните градежни фирми.