Протест на музичарите денеска пред Влада

Сопственици на ноќни клубови и музичари за денес најавија протест пред Влада со почеток во 14 часот. Протестот е закажан со пораката „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“.

Организаторите велат дека ќе протестираат за добивање на финансиска поддршка од државата, но и против дискриминацијата кон нив и за нивното право на работа.

„14-ти март е денот кога со уредба се затворени ноќните клубови во Македонија. Оттогаш па наваму сме: 7 месеци – присилно затворени без ниту еден работен ден; 7 месеци – лични задолжувања за трошоци (кирии,плати и паушали) за опстанок на ноќните клубови; 7 месеци – со 0 денари помош од државата. Без одговор на писменото барање до Влада за состанок со претставници од власта за решавање на нашето прашање, како најпогодени од целата ситуација. Дали сме граѓани на оваа држава само кога плаќаме даноци и лиценци за работа?“, стои во најавата за протестот.

Поделени мислења и реакции донесоа мерките предложени од Комисијата за заразни болести, усвоени и на седница на Владата.

Додека низ интернет просторот се шират снимки со преполни клубови, предлог мерките против Ковид-19 воведуваат рестрикции за гостување на групи и диџеи во угостителските објекти, максимално ниво на бучава до 55 децибели и максимум 4 луѓе на маса.

Комисијата тврди дека промените не го ограничуваат работењето на угостителските објекти, додека Независната комора на угостители соопшти дека не сакаат „крпеници од протоколи“ и најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели, ако тоа ги намали бројките на заразени со Ковид-19.