Промоција на стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска

Поетската книга „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска ќе биде промовирана утре (5 октомври) во кафе-книжарницата „Буква“.

„Ова е книга за растењето, за созревањето, за себепронаоѓањето додека се огледуваме во другиот, додека се огледуваме во сите парченца скршени внатрешни огледала. Мноштво слоеви и виорни патеки до себе, до центарот, до ново јадрено соединување“, пишува во описот за книгата, Јулијана Величковска која ќе биде и промотор.

Настанот ќе започне во 20 часот.

„Ивана Јовановска е поетеса на уморот. Таа е првиот нецвет што гледајќи ги цвеќињата во вазните, здогледала колку се уморни: „зелени вазни за надеж полни со уморни цветови“. Вазни за надеж, вели таа, со цветови уморни од нивната самопожртвуваност во служба на нашата надеж“, вели за авторката германскиот поет Микаел Фогел.

Јовановска студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Авторка е на стихозбирката „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации). Нејзините песни се често објавувани во периодиката, и преведени се на германски, на грчки и на англиски јазик. Член е на европската поетска платформа „Версополис“.