Промоција на стихозбирката „Молитвени дискурси“ во „Буква“

Издадена од издавачката куќа „ПНВ Публикации“, стихозбирката „Молитвени дискурси“ од Андреј Медиќ Лазаревски ќе биде промовирана во кафе-книжарницата „Буква“, во петок, 15 април, со почеток во 20 часот.

Модератор на промоцијата е Софија Тодороска, за збирката ќе зборува Пепи Стамков, а свое обраќање ќе има и Јулијана Величковска.

Во рамки на настанот, песни од збирката заедно со авторот ќе прочитаат и Ана Голејшка Џикова, Калина Качоровска и Ивана Јовановска.

Корицата е изработка на Јован Димоски, а поговорот на збирката е на професорката Весна Томовска.

„Молитвени дискурси“ е втората стихозбирка на Андреј Медиќ Лазаревски. Тој е роден на 14 април 2001 година во Скопје. Студира философија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а активно учествува и во активностите на Филозофското друштво на Македонија. Истовремено, Лазаревски е дел и од организацискиот тим на Филозофскиот филмски фестивал.

Основач е на неформалната организација за култура „Култура β“ каде работи на интервјуа, поетската и философската рубрика. Има објавено две статии во списанието Филозофска трибина, а во 2021 година ја издава својата прва стихозбирка „Беседења со неа“ преку „Дата песнопој“.