Промоција на стихозбирката „Ема“ од Владо Поповски во четврток

Во четврток (29 јуни) на платото на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи промоција на стихозбирката „Ема“ од Владо Поповски.

Промотор на стихозбирката ќе биде Виолета Танчева-Златева, а модератор Јулијана Величковска.

„Напишани во духот на најдобра македонска поетска традиција, овие песни се вистинска ризница на најдлабоките човечки чувства. Во нив се мешаат трепетите на радост и болка, копнеж и страст, оган и мраз, носталгија и нетрпеливо исчекување, но и потсвесната мисла за разделбата што се вести ‘во пукнатините на времето’. Стихови проникнати со лирски трепети запишани со мастилото на срцето, во бессоните ноќи во кои поетот се дружи со осаменоста и спомените. ‘Ема’ на Владо Поповски е химна на копнежот, сведоштво за една голема љубов од која и за која се умира, „од која само смртта може да ме избави“, вели Танчева-Златева за стихозбирката.

„Вдахновение, мисла, вистинска жена или поетски идеал, ‘Ема’ на Владо Поповски е скриена магма, вжештено јадро околу кое поетот гради една специфична љубовна поетика во којашто од љубењето, па сè до копнежот и страста, се воспеваат сите длабочини на љубовта. Со едноставен, лесен поетски израз, во стилот на ‘големите мајстори’ на зборот, а сепак, со една посебна ритмичност и динамика, стиховите на Поповски не се рецитираат, тие се пеат како блуз мелодија во мирна и тивка ноќ кога се празнат чашите и душите на поетите“, вели Силвана Димитриевска.

Поповски е роден во 1963 година во Скопје. По професија е доктор на економски науки, а во моментов работи како менаџер во Стопанска банка АД– Скопје. Членувал во повеќе културно уметнички друштва и учествувал на музички настапи со „Октет Македонија“ и со групата „Сирма“ во земјата и во странство.

Љубовта кон уметностите, а посебно кон поезијата, отсекогаш била неизоставен дел од неговиот живот. Твори повеќе од една деценија, а неговиот поетски изблик кулминира во 2021 година. Неговата долгогодишна желба да издаде стихозбирка, конечно, се реализира во 2023 година со издавањето на „Ема“.