Промоција на сликовницата „Танцот на шарените шамичиња“ од Александар Прокопиев во понеделник

Во понеделник (16 јануари) ќе биде промовирана новата сликовница „Танцот на шарените шамичиња“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев. Промоцијата ќе се одржи во книжарницата „Литература“ во „Скопје сити мол“ со почеток во 19 часот.

„Сликовницата, која е во издание на ‘Либи’, импринт на ‘Арс Ламина – публикации’, е дел од новата едиција ‘Љубов на прв збор’. Приказната во ‘Танцот на шарените шамичиња’ почнува кога едно свилено шамиче ќе ѝ се налути на мајка си и тргнува низ светот да бара дете на кое му тече носот… Низ лирска, алегорична приказна за шамичето кое доживува брза и ненадејна слава, а сепак мечтае да си остане тоа што е, авторот ги соочува децата со фантазиите и сништата за иднината, поддржувајќи ги да мечтаат, но и подучувајќи ги никогаш да не се откажуваат од себе, од своите блиски и од тоа што во суштината се“, велат од „Литература“.

Илустрациите на сликовницата која може да се пронајде во книжарниците на „Литература“ и онлајн се на Сања Симоска, а уредничка на книгата е Оливера Ќорвезироска.