Промоција на „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ денес после пладне во „Макка Бар“

Во скопскиот „Макка Бар“ денеска (сабота, 18 март) од 13 часот ќе биде промовирнан албум на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“, збогатена со мини-концерт.

Влезот за настанот е слободен, а ќе настапуваат Добрила Грашеска на вокал, лупови и Дориан Јовановиќ – ут, лупови, електроника.

Од „Скопски џез фестивал“ велат дека „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“, кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.

„Овојпат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови“, соопштуваат од „Скопски џез фестивал“.

Од таму посочуваат дека од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.

„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49то издание на SJF Records, спремно за уживање на ЦД, а е достапно и за даунлоуд и стриминг.