Пролетна размена на облека во СЦ „Дуња“

Во Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи пролетна чистка, односно пролетна размена на облека преку платформата „Второ азно“.  Размената ќе се одржи во вторник, на 29 март од 18 до 20 часот во просториите на Центарот.

Оттаму информираат дека нема да има ограничување во  однос на земање и оставање на облека, единствено облеката треба да е испрана и во уредна состојба.

„Настанот не е од донаторски или хуманитарен карактер, а дел од облеката ќе биде редизајнирана од страна на студентите на Академијата за моден дизајн при Џолев и уметностите“, велат организаторите.

Од „Дуња“ објаснуваат дека носењето на облека од втора рака заштедува вода, имајќи предвид дека текстилната индустрија користи околку 79493647464000 литри вода годишно.

„Освен тоа, текстилната индустрија е повеќекратен загадувач – користи 20 000 хемикалии за производство и боење на текстилот, од кои повеќето се карциногени, а се отпуштаат во водите со согорување јаглен со цел добивање енергија за производство на текстил, фабриките испуштаат околу три милијарди тони саѓи, кои предизвикуваат загадување на воздухот, респираторни проблеми и срцеви болести“, велат од „Дуња“.

Оттаму дополнуваат дека повеќето текстилни фабрики се наоѓаат во т.н. земји од трет свет, каде што дополнително се загрозува животниот стандард, животната средина и се врши континуирана експлоатација на ефтина работна сила.

Настанот ќе се одвива во согласност со сите актуелни мерки за заштита од Ковид-19.