Продолжуваат протестите во Пржино поради бесправно градење на згради

Жителите од скопската населба Пржино и овој викенд повторно излегоа на протест против бесправното градење на згради. Протестите во оваа населба започнаа бидејќи пред неколку недели се сруши потпорен ѕид над кој треба да никне нова зграда.

Во рамки на протестот, жителите потпишуваа и петиција за итно поништување на одобренијата за градба на локацијата каде што се сруши потпорниот ѕид на ул. Пржино, поради опасност од лизгање на земјиштето и драстично зголемување на густината на населението на улицата, со кое ќе се преоптовари канализациската, патната и целокупната инфраструктура.

„Фала што го уништивте Пржино“, „Силувано маало“ и „Потпорни ѕидови паѓаат“, беа дел од пораките кои граѓаните ги порачаа движејќи се низ улиците на населбата.  Жителите на Пржино побараа мораториум на спорните згради на целата територија на населбата, односно на предвидените градежни активности на сите објекти од А2 и А1 класа предвидени за изградба на спортскиот комплекс „Славија“.

Ние жителите на Пржино заради паѓање на потпорен ѕид на улица Пржино и заради планираната експанзија на градби и згради во други делови од населбата, предвиден со деталниот урбанистички план, со кој сериозно ќе се загрози квалитетот на нашиот живот, од Советот на општината и градоначалниот на општината Кисела Вода, бараме итно поништување на одобренијата за градба на локацијата каде што се сруши потпорниот ѕид на ул. Пржино“, истакна Јасна Бачовска, жителка од населбата.

Таа дополни дека преку овој протест сакаат да стигнат и до другите граѓани на Македонија.

„Како во капиталистичките земји – ние ако не ја преземеме иницијативата, капитализмот ќе не згази бидејќи е немилосрден. Мораме да се грижиме за нашите живеалишта, и не смееме да живееме како некогаш, зошто институциите не се одговорни. Живееме во нов општествен систем. Бараме мораториум да биде на сила се додека не се овозможи јавна ревизија на ДУП-от, кој е легален, ама не е легитимен“, нагласи Бачовска.

Во продолжение, погледнете ја галеријата од протестот:





 

Протест во Пржино поради бесправното градење згради откако падна потпорен ѕид

П.М./И.С.