„Привремени места како културни простори“ – дводневна мултимедијална програма во Кавадарци

Преку серија активности, односно – изложби, филмска програма, презентации и дискусии, на 6 и 7 октомври во Дом на култура Кавадарци, Музеј галерија Кавадарци и Бар 37 ќе се одржи дводневниот настан „Привремени места како културни простори“.

На настанот, покрај локални уметници и културни работници од Кавадарци, ќе бидат вклучени гости од Скопје, и регионални гости од Косово, Словенија и Хрватска.

„Краткорочните и долгорочните цели на програмата се насочување на специфични визуелни и дискурзивни активности кон колку што е можно поразлични локални публики, продолжување на нашите разговори со претставници на локалната власт за долгорочно преземање на јавни простори, и, конечно, да поставиме еден успешен пример за слични можности во иднина“, велат од Јадро.

На првиот ден, во четврток на 6 октомври, програмата ќе започне во 11 часот со презентација на КСП Центар-Јадро Скопје од страна на Јана Коцевска, по што ќе следи презентација на Аутострада Биенале и Хангар од еутрим Фишекчиу и Ватра Абраши.

Своја презентација ќе има и КСП Подиум-Јадро Кавадарци од страна на Дарко Алексовски, а по презентациите најавена е дискусијата  „Привремени места како културни простори“.

На дискусијата свое учество ќе земат Леутрим Фишекчиу и Ватра Абраши (Аутострада Биенале, Косово), Вулнет Санаја (Анибар, Косово), Ѓорѓе Јовановиќ (КСП Центар-Јадро, С. Македонија), Јана Коцевска (Јадро – Асоцијација, С. Македонија), Дарко Алексовски (КСП Подиум-Јадро, С. Македонија) и претставник на општина Кавадарци.

Модераторка на дискусијата ќе биде Симона Манчева од КСП Подиум-Јадро, С. Македонија.

Во 19 часот ќе биде отворена изложбата „10 години ЈАДРО – сè уште оправдано присутни“ во Музеј- галерија Кавадарци, како и изложбата „Го бараме таткото на колективот“, што претставува групна изложба на колективот „Бастарди“ – Томи Соколов (С. Македонија), Тим Топиќ (Словенија), Ева Штупник (Словенија), Јелена Милоханиќ (Хрватска) и Дора Пејиќ Бах (Хрватска).

Во рамки на вториот ден, 7 октомври, во Дом на култура Кавадарци, од 19 9 30 часот ќе започне филмската вечер на кратки филмови и дискусија, на која ќе бидат прикажани филмовите „Пепел“ во режија на Ѓорѓи Лазов, „Под мостот“ во режија на Филип Лафазановски и  „1963: Добра ноќ Скопје“ во режија на Илија Павлов.

Селектор на филмовите и модератор на дискусијата е Стефан Видиков (КСП Подиум-Јадро, С. Македонија) во разговор со Ѓорѓи Лазов – режисер и продуцент на филмот „Пепел“.

Програмата ќе биде заокружена со диџеј сет на Емилиja Наскова во Бар 37, со почеток во 22 и 30 часот.