Приватните специјализанти сè уште работат без ветеното здравствено осигурување

Александра Георгиева е млада докторка, која е на специјализација во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на клиниката за Кардиологија. Таа е дел од 250-те приватни специјализанти во земјава, кои и покрај ветувањата дека ќе биде, се уште немаат здравствено осигурување, ниту пак добиваат надомест за обавувањето 24-часовни дежурства за викенди и празници.

Проблемот со здравственото осигурување на приватните специјализанти постои уште од 2018 година, кога за прв пат приватните специјализанти почнаа да добиваат надомест за нивната работа. Георгиева која е и претседателка на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), вели дека пандемијата дополнително го потенцираше проблемот.

„Пред Нова година беше последниот состанок на кој дискутиравме со министерството за овие проблеми, тогаш ни кажаа дека ќе биде решен проблемот од месец јануари. Но, немаше решение и оттогаш не сме имале состанок во Министерството за здравство, иако неколку наврати побаравме, ама не не’ повикаа“, објаснува Георгиева за Радио МОФ.

Покрај здравствено осигурување, приватните специјализанти алармираат и за други проблеми. Како што појаснува Георгиева, кога во 2018 година почнале да добиваат надомест, договорот бил тој да биде во висина колку просечната плата во државата.

„Просечната плата, сега е околу 28.000 денари, но платата на специјализантите остана 26.000 илјади. И поедноставно кажано, додека имаше покачувања, пак и здравствени работници, па дури и администрација во секторот здравство, нас ниедно покачување не нема опфатено. Значи, константна е платата, немавме никогаш покачување, изминативе две и пол години“, објаснува таа.

За проблемот со неплатените дежурствата Георгиева вели дека изработиле и предлог-план со буџет каде пресметале дека доколку специјализантите како неа добијат платени дежурства, тоа не би ја чинело државата повеќе од 30.000 евра месечно.

Најголем дел од приватните специјализанти моментално работат и во ковид центрите, бидејќи, како што објаснува Георгиева, клиниките не можат да ја организираат својата работа без специјализантите, поради недостатокот на доктори. Истовремено, приватните специјализанти се невработени, иако добиле ветувања  на почетокот на годината дека се обезбедени финансиски средства за нивно вработување.

„Ние во декември предложивме до министерството, бидејќи има недостаток од кадар, има проблем со функционирање со ковид центрите итн., сите приватни специјализанти да се вработат во јавно здравство, болници, здравствени домови, во зависност од типот на специјализација, местото на живеење на специјализантот, за да може да се апсорбира и екипира јавното здравство. И тогаш министерот ја дава таа изјава дека се обезбедени финансиски средства за 250 специјализанти, ама нема реализација, нема ни еден конкурс“, вели Георгиева.

Инаку, приватните специјализанти плаќаат околу 8.000 евра во тек на 6 години колку што трае специјализацијата, но таа сума стигнува и до 10.000 евра, вклучувајќи ги и другите еднократни трошоци.

Како што објаснува Георгиева, на еден специјализант со платата од 26.000 денари, на крајот на месецот му остануваат околу 12.000 денари месечно, додавајќи дека дел од платата која ја добиваат, всушност ја враќаат назад на државата, односно, на деканатот на Медицинсккиот факултет.

М.К.