„Причина“ – ангажирана уметност на Филип Фидановски во МКЦ

Во понеделник, 2 април, во Галеријата на МКЦ – Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Причина“ на Филип Фидановски.

13-те дела на оваа изложба, изработени во повеќе различни техники – дигитален принт, фотографија, керамика, принт на платно, се направени во 2017 и дел во 2018 година.

Од МКЦ велат дека се работи за нов израз на авторот, овој пат преку ангажирана уметност во која политиката и политичарите асоцијативно, а некои и експлицитно, се ставени во контекст на едно гледање на моменталните општествени прилики и неприлики во Македонија.

Едно од делата на Фидановски, насловено „Ти си на потег“

„За политичарите минати, сегашни и идни, за аномалиите во културата и општеството. За лажните вредности што ни се наметнуваат од проектот Скопје 2014. За слободата, која ја нема повеќе. По малку сатирична и повеќе реална изразност на авторот во своите дела. Но многу трагична, бидејќи е исто така многу вистинита реалноста симболички прикажана во делата на Фидановски“, велат од МКЦ.

Фидановски е роден 1977 година во Скопје, дипломира во 2002 година на одделот за керамика и магистрира во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Работел како доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а од 2008 година е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Од 1995-2015 година учествува на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет и добитник е на повеќе награди.