Претседателот Пендаровски прогласи нова вонредна состојба од 8 дена по барање на Владата

Нова вонредна состојба во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни, прогласи вчеравечер претседателот Стево Пендаровски по предлог на Владата.

„Политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година. Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од Светската здравствена организација“, стои во соопштението.

Како што се посочува таму, вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули.

„По постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес. Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје“, се вели во соопштението на претседателот.

Владата вчера поднесе предлог до претседателот за нова вонредна состојба, откако попладнево беше соопштено дека лидерите на двете најголеми политички партии постигнале договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули.

Владата предложи нова вонредна состојба од 8 дена, почнувајќи од денеска