Избори на 15 јули – постигнат договор меѓу власта и опозицијата

Лидерите на двете најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потврдија дека постигнале договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ова го соопшти на пресконференција, додека кратко потоа информацијата преку социјалните мрежи ја потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Свесен сум дека на сите ни е преку глава од политички игри. Се знае кој во минатото бил најодговорен пред народот и државата. За да не страда народот, го заклучуваме 15 јули како последен датум за избори. Денеска повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули. Изборите ќе бидат во среда, кој ќе биде неработен ден“, рече Заев.

„Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните“, напиша Мицкоски.

Како што изјави Заев, од претседателот Стево Пендаровски ќе биде побарано да се продолжи вонредната состојба, за да се направат неопходните усогласувања на изборниот законик со новиот датум за избори.

Планот е гласањето да трае три дена: на 13 и 14 јули би гласале болните, изнемоштените и оние кои се позитивни на коронавирусот или се наоѓаат во изолација или самоизолација. Изборниот ден, среда – 15 јули, ќе биде прогласен за неработен за сите граѓани, а би се продолжило за два часа и времето за гласање, наместо до 19 изборниот ден да трае до 21 часот.