Премиера на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во Данска

Музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ претставува патешествие на данскиот бенд „Ефтеркланг“ кој е во потрага по македонски музичари.

Филмот е во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на Младинскиот културен центар – Скопје (МКЦ) и својата светска премиера ќе ја има на фестивалот за документарен филм „CPH:DOX“ во Копенхаген, Данска на 23 март 2024.

„Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот супер состав наречен ‘Ефтеркланг: Македониум бенд’, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура“, велат од МКЦ.

Како што стои во описот, во документарецот е претставена потрага по македонски музичари со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

„Неверојатно сме возбудени за приликата да ете, се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на Ефтеркланг на музичкиот фестивал Здраво Млади. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот ‘Македониум’ кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз
беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм“, изјави Владица Младеновски од МКЦ.

Премиерата на филмот ќе биде проследена со концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари, односно 16 хористки од Женскиот младински хор при МКЦ и музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Во рамките на концертот, ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.

МКЦ се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект, а го работи со поддршка на Министерството за култура, Rosforth и Rumraket.