Премиера на монодрамата „Пингвинот“ во „Котур“

Интерактивната, експериментална монодрама „Пингвинот“ во продукција на Театар „Златен елец“ ќе биде премиерно одиграна на 9 јули, недела во „Котур“.

Со почеток во 20 часот, претставата е работена според авторски текстови на тимот, текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог.

„Со поврзување на сите овие материјали се фокусираме на теми околу менталното здравје, поточно депресијата и самоубиството и симболично ги поврзуваме сите овие интензивни чувства и со животинскиот свет и пингвините кои се едни од ретките животни кои што покажуваат знаци на депресија и суицид. Иако, сѐ уште не постои точен научен факт зошто пингвините во одреден момент се одлучуваат за таква постапка, не можеме, а да не чувствуваме поврзаност со овие животни кои можеби чувствуваат исто како нас“, истакнуваат од „Златен Елец“.

Станува збор за авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, работен според текстови на Данкан Мекмилан, Џони Донахју и документарни материјали на Вернер Херцог.

Од „Златен Елец“ посочуваат дека претставата преку позитивни и комични моменти ја истражува комплексноста на тагата, генерациските трауми и растењето со депресивен родител.

„Пингвинот“ ќе се надоградува со секоја нова изведба и интеракција со публиката и ќе отвора врата за дискусија и рушење на предрасудите за комплексноста на менталното здравје.

Актер во монодрамата е Лео Поповиќ, кој истовремено работел и на превод на текстот, додека концептот и режијата е на Тамара Стојаноска.

Заеднички е и изборот на музиката, а Поповиќ ќе настапи и со пеење и свирење на укулеле. Дизајнерка на постерот е Бојана Цилевска, додека како извршен продуцент се јавува Бобан Алексоски. Фотографијата и видео продукцијата е на Тамара Малкоска.

Билетите по цена од 300 ден. може да се набават во Котур или преку резервација на линкот за билети на страната на Театар „Златен Елец“