Премиера на „Дневникот на лудиот“ во СЦ „Дуња“

Во петок и сабота (8 и 9 април) со почеток во 20 часот во Социјален Центар „Дуња“ ќе се одржи премиерата на третото продолжение од  монодрамата „Дневникот на лудиот“, овој пат според последното Светско дело со таков наслов, како инспирација од Николај Гогољ, а автор е Францускиот писател Ги Де Мопасан.

Ова е деветта премиера на Независниот театар „Златен Елец“, после „Дневникот на лудиот 1“, „Дневникот на лудиот 2: Човекојадство“, „Не ми го чепкај пивото“, „Која сум јас“, „Шапка, чоколадо анус и уште нешто“, „Чувари на планетата“, „Новогодишна авантура“ и „Грета“.

Режијата е на Ѓорѓи Ризески, асистент на режисер е Тамара Стојаноска, музиката е на Алмир Бајрамоски, преводот е на Наташа Пеевска, а дизајнот, видео и фотографија на Емил Пачковски.

Бобан Алексоски, актерот во монодрамата и еден од основачите на Театар „Златен Елец“, по 48-ми пат во петок (вкупната бројка на изиграни монодрами) ќе се соочи сам со публиката. Приказната според адаптацијата на екипата, му се случува на истиот лик од претходните монодрами, односно оној на Гогољ, Аксентие Иванов П.

„Да создаваш и да уништуваш! Во овие два збора е содржана историјата на универзумот, сето минато на сите светови, се што постои, сѐ!  – вели авторот, а нашиот главен протагонист конечно ќе заврши со својата приказна, но не откриваме како“, вели екипата.

Ова е последниот дел од трилогијата наречена „Дневникот на лудиот“ на која главната тема во сите делови е вината што ја чувствуваме од околината, гневот што во нас се всадува и прашањата колку сме ние виновни за нашите постапки предизвикани од општеството?

На 15ти април, овој проект ќе доживее 50-та изведба од сите монодрами на авторската екипа.

„Дневникот на лудиот 1“, според Николај Гогољ, досега има освоено три награди на театарски фестивали, две за најдобар актер на фестивалот и една за најдобра режија.