Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје информираше дека од утре четврток (30 декември) прекинува да важи одлуката за бесплатен превоз за сите граѓани во јавниот превоз, која времено се донесе како една од пакетот мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.
Истовремено и од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека согласно податоците од вчера среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје – Центар, Гази Баба, Лисиче и Ректорат и Струмица.
Претходниве денови во Скопје но и низ повеќе градови низ Северна Македонија се регистрираа високи концентрации на ПМ10 честички, а според сајтот IQ AIR, главниот град вчера се најде во топ 10 најзагадени градови во светот.