Предлог-законот со кој износот за студентски оброк треба да се покачи на 140 денари влезе во Собрание

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк што предвидува дневната сума наместо 120 од април да биде 140 денари е во собраниска процедура. Пленарната седница на која пратениците ќе го разгледуваат предлогот е закажана за 19 април.

Предлог измените произлегоа од средбата меѓу претставниците од сите универзитетски собранија и  претставници од Министерството за образование и наука (МОН) што се одржа претходниот месец.

Со новиот предлог-закон покрај покачување на сумата за оброк стои дека износот на субвенциониран студентски оброк се усогласува согласно инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на Републичкиот буџет за следната година, што значи дека износот што ќе го добиваат студентите за оброк ќе се менува секоја година согласно стапката на инфлација.

Покрај ова, како што беше и претходно најавено, МОН преку избор за носител на јавен промет ќе овозможи персонализирана дигитална картичка за секој корисник, а понатаму корисниците ќе може кај давател на оброк да купуваат со картичката или со мобилен телефон.

По средбата меѓу студентите и претставниците на ресорното министерство минатиот месец, претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски, за Радио МОФ изјави дека расте незадоволството меѓу студентите поради доцнењето со исплати, па една од главните цели е да се постигне навремена исплата.

Сега во текстот за новиот закон стои и дека се менува членот 5, при што тој гласи: „Субвенционирањето на студентски оброк се врши во точно утврдени периоди од годината и месецот и во точно утврдено време од денот, кај давател на субвенциониран студентски оброк“.

Исто така, наведено е дека предлог-законот треба да биде донесен со скратена постапка.

Минатиот ноември студентите излегоа на протест против најавените измени во Законот за субвенциониран студентски оброк што според УСС УКИМ значеше да се стесни бројот на студенти кои може да го остварат правото на оброк. Тогаш тие побараа и покачување на износот од 120 на 150 денари дневно.

За време на протестот пред Собранието, студентски претставници внатре разговараа со пратениците и претставници од МОН по што беше постигнат договор оброкот да се исплаќа по старите критериуми до 15 март 2023 година, а студентите да продолжат да бидат дел од работните групи за креирање на системско решение. Од средбата во март произлезе новиот предлог-закон со кој се очекува покачувањето на средствата студентите да го добијат од следниот месец, а заклучно со јуни оваа академска година начинот на исплаќање ќе се врши како и до сега – парите ќе легнуваат на сметка на студентите, додека имплемнтирањето на дигиталните картички треба да започне од следната година.

Студентскиот оброк да биде 140 денари од април, стои во новиот предлог-закон