Предлог-закон кој ќе казнува „негативно мислење“, надлежните велат дека е грешна формулација

За навреда да се одговара и за објавување на негативно мислење, се предвидува во Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета којшто го предлага Владата, а следната недела влегува во собраниска процедура.

„За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“, пишува во спорниот прв став од Членот 6 во Предлог-законот.

Оваа формулација предизвика многу реакции и критики на социјалните мрежи. Правници и адвокати се сомневаат дека ова остава можност во иднина властите и моќниците да тужат за било каква критика кон нив.

Реакција стигна и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), од каде велат дека дефиницијата на навреда не смее да содржи „негативно мислење“.

„Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување. ЗНМ бара ова, во дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година која, во тоа време, беше позитивно оценета и од ОБСЕ и Советот на Европа“, стои во соопштението на ЗНМ.

Од Министерството за правда утрово се правдаат дека се работи за грешна формулација и дека ќе биде поправена преку амандман.

„Министерството за правда ја информира јавноста дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа. Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање“, стои во соопштението на Министерството.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е донесен во 2012 година, со што клеветата и навредата беа декриминализирани во Македонија.

Во образложението на новите измени се посочува дека тие се прават за Законот целосно да се усогласи со меѓународните стандарди, а особено со Европската конвенција за човекови права, како и да се отстранат лоцираните слабости во досегашната примена на Законот.

Една од главните промени е намалувањето на казните за новинарите и медиумите за навреда и клевета. Според новите одредби, новинар може да добие казна од најмногу 400 евра, уредник најмногу 2.000 евра, а медиум може да биде казнет со максимални 5.000 евра.

Предлог-законот е ставен на дневен ред на 90-тата седница на Законодавната-правна комисија на Собранието, која треба да продолжи со работа во понеделник во 13 часот.