Празничен викенд со екстремно аерозагадување, ПМ-10 честичките во Струмица синоќа 17 пати над лимитот

846 микрограми на кубен метар ПМ-10 честички, или 17 пати над максимално дозволената граница на аерозагадување, синоќа во 20 часот биле регистрирани во Струмица, на вечерта во која безмалку сите мерни станици низ Македонија регистрирале екстремно аерозагадување.

На мерната станица „Лисиче“ во Скопје, загадувањето помеѓу 21 и 1 часот по полноќ постојано било преку десет пати над дозволената граница, а екстремно загадување регистрирала и мерната станица во Битола во 23 часот (502µg/m3).

Синоќа екстремно загадување е регистрирано и со уште помалите и поопасни ПМ-2,5 суспендирани честички. На сите пет мерни станици (Карпош, Центар, Куманово, Тетово и Битола) кои го мерат и овој параметар загадувањето се движело помеѓу 100 и 250 µg/m3.

Македонските граѓани и ова бадниковото утро се разбудија со високо аерозагадување. кое низ сите градови беше помеѓу 2 и 6 пати над горната граница од 50 µg/m3 ПМ-10 честички.

Последните мерења, на пладне, покажуваат најголемо загадување во Скопје, каде мерните станици покажуваат загадување од 160 µg/m3 во Карпош до 240 µg/m3 на Ректорат. Струмица (215) и Куманово (196) се најзагадени во источната зона, а во Тетово (133) и Битола (101) се измерени највисоките вредности во западната зона.

Од почетокот на новата 2018 година пет мерни станици секој ден ја надминале дневно дозволената концентрација на аерозагадување – Лисиче, Ректорат, Битола, Кавадарци и Куманово. Истовремено Лисиче е рекордер по дневната просечна концентрација од 223 µg/m3 ПМ-10 честички, далеку повисоко од Ректорат, кој со 165 се наоѓа на второто место и Кавадарци (150) и Куманово (149) кои се изедначени на третото место на најзагадени мерни станици според просечната секојдневна концентрација.