Правосудството не придонесува доволно за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, покажува македонска студија

Правосудството не придонесува доволно за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, а новинарите не се чувствуваат доволно безбедни и не веруваат во ефективно истражување или казнување на нападите врз нив. Недостатокот на комуникација помеѓу судиите и новинарите како и недостатокот на јасно дефинирани процедури и правила за транспарентност и односи со јавноста, се главните предизвици кои се испречуваат во процесот на градење на партнерство и соработка на новинарите со судските институции.

Ова беа дел од заклучоците на студијата „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“ чиј што автор е Давор Пашоски, а е во издание на ЗНМ.

„Една од основните препораки е потребата од воспоставување на полесна и поразбирлива комуникација на судовите со јавноста и односи со медиумите. Беспредметни се сите анализи, студии и стратегии кои што досега се изработени или коишто понатаму ќе се изработат, а чиј што фокус е транспарентноста, отчетноста и јавноста на судството, доколку дадените препораки и заклучоци не бидат предмет на сериозна анализа од страна на надлежните институции и предмет на отворен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Процедурите и правилата во областа на транспарентноста и комуникацијата на правосудниот систем со јавноста треба да бидат вградени во актите со кои што законски се регулира судството“, гласат заклучоците.

Студијата за состојбите на македонското новинарство беа презентирани на 29 септември, во Кривичниот суд во Скопје, пред новинари и претставници на правосудните институции.

На 29 септември (четврток) беше презентирана студијата „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“ чиј што автор е Давор Пашоски, а е во издание на ЗНМ.

Говорници беа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет, Дејан Ристовски, портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје кој беше и модератор на настанот, Давор Пашоски, автор на студијата и Верче Тодоровска – Костовска од Здружението на новинарите на Македонија.

Младен Чадиковски ја нагласи потребата за унапредување на меѓусебната соработка помеѓу новинарите и судскиот систем.

„Би сакал да истакнам дека ЗНМ постојано работи на зголемување на потенцијалите и стандардите на новинарството. Но, постојано се судираме со препреки на патот кои што ни го отежнуваат процесот на работа, посебно кога се соочуваме со ризикот од клевета. Како податок, ќе го потенцирам фактот дека годинава има 52 случаи на клевета против новинари, во однос на минатата година кога бројката беше 20. Не велиме дека судиите се исклучително виновни за ова, но сметаме дека доколку станува збор некои за случаи против новинари кои постојат исклучиво да се изврши притисок врз нив, да бидат отфрлени. Анализата до некаде го укажува тоа, но колегите кои ја следат работата на судиите велат дека има големо подобрување во делот на работата на правосудните органи кога станува збор за комуникација со новинари“, посочи тој.

Според Иван Џолев истакна дека постои желба кај судиите да ја подобрат релацијата со новинарите, со цел подобра комуникација и точни информации.

„Целта ни е во јавноста да биде точно информирана. Секако дека за ова ни е потребна помош од новинарите и нивната перцепција за нас. Би сакала да нагласам дека сите ние се залагаме за транспарентност, но има дел од судските процеси, поточно одредени детали кои законски не смеат да бидат објавени. Верувам дека денеска новинарите ќе имаат што да кажат да предложат, а судиите се расположени да слушнат предлози за олеснување на работата на двете страни“, забележа тој.