Повлечена 35-годишната забрана за кино-сали во Саудиска Арабија

Саудиска Арабија соопшти дека ја подига забраната за отворање кино-сали, која 35 години била на сила, како дел од општествените реформи за промени на ново-крунисаниот принц во ултра-конзервативното кралство.

„Комерцијалните кино-сали ќе можат да работат во кралството од почетокот на 2018 година, за прв пат по 35 години“, соопшти министерството за култура и информации, додавајќи дека владата веднаш ќе започне со издавање лиценци на објекти.

Оживувањето на кино-салите е пресврт во парадигмата за Саудиска Арабија. Кралството ја промовира индустријата на забава како дел од големите промени, познати под називот „Визија 2030“, кои се имплементираат и покрај противењето на конзервативците.

„Ова претставува клучен момент во развојот на културната економија на кралството“, дополнително додава министерот за информации Авад Алавад преку соопштение.

Конзервативците, кои на кино-салите гледаат како закана за културниот и религиозниот идентитет, биле пресудни во нивната забрана во 1980-тите години.

Еден од највисоките религиозни лидери на Саудиска Арабија, на почетокот на годинава, зборувал за „изопаченоста“ на кино-салите, посочувајќи дека тие ќе нанесат штета на моралот.

Филмските работници од Саудиска Арабија веќе подолг период укажувале дека забраната за кино-сали е бесмислена во ера на Јутјуб. Саудиските филмови предизвикуваат интерес надвор од земјата, користејќи го интернетот за да ги заобиколат каналите на дистрибуција и проверките на државните цензори.