Кампување, концерти и настапи, планинарење, адреналински тури се дел од активностите најавени за второто издание на фестивалот за активности во природа „Повикот на Малешевијата“ кој ќе се одржи од 16 до 18 септември.
Во пределите на Малешевските Планини и Беровското езеро, фестивалската програма ќе понуди кампување, планинарење, планински велосипедизам, тура со теренски возила, работилници, посета на музеи и манастири во Берово, но и музички настапи.
„Секој љубител на природата, планинските спортови и дружбата е добредојден на фестивалот каде што ќе може вистински да ја искуси планината и сите прекраснотии кои таа ги нуди. Повелете на незаборавно дружење во прекрасните Малешевски густи шумски предели каде ќе се насладите со преубавите глетки додека го дишете најчистиот воздух презбогатен со кислород“, велат организаторите.
Сите заинтересирани можат да се пријават преку формуларот за присуство.