Повик за учество во работилница за кореографија и танц  „Резонантни тела“

Центар за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ организира Култренинг/ Работилница за кореографија и танц  „Резонантни тела“ со Теодора Ежовска која ќе се одржи во петок (29 септември) во КСП Центар – Јадро.

„Работилницата со Теодора Ежовска на учесниците им нуди танцово истражување и работа преку метод на допир, сензација, процес на истражување што овозможува експанзија на мисловна, како и физичка работа на тело, за тоа што е возможно и како се надминуваат сопствените лимити. Што се случува со нашите сетилни средства на изразување и како тие можат да ја збогатат играта на импровизација, се само дел од прашањата и елементите кои, оваа пракса има за цел да ја одрази телесната/ движечка експресија“, се вели во описот.

Работилницата е бесплатна и отворена за учесници со или без танцувачко искуство.

Сите заинтересирани може да се пријават на kultrening@gmail.com, а бројот на учесници е ограничен. Организаторите нагласуваат да се понесе лесна и удобна облека. Работилницата ќе се одржи од 18 до 20 часот.

Теодора Ежовска ја започнала својата танцова кариера во својата седма година, оттаму детската желба за танц и првите чекори во хип- хоп, танц театар, шоу-денс, се преточила во подоцнежните години, па таа ти продолжила своите студии на „Факултетот за музичка уметност“ – Скопје, на отсекот за Балетска педагогија –
современ танц, каде што го зајакнува и продлабочува својот танцов вокабулар.

Нејзиното искуство како изведувачка и танцова уметница е сестрано и широко, што и овозможува експанзија на нејзината движечка/ танцова експресија. Има учествувано во проектите „Проект М”, „Апоптозис”, „Чудна Шума”, „Метаморфоза”, „Ре-Платформа” и други.

Програмата Култренинг е креирана од Локомотива и поддржана од Министерството за културa.