Повик за учество во работилница „Монтирање на Летна читална“ во Прилеп

На 11 ноември во Прилеп ќе се одржи еднодневна работилница „Монтирање на Летна Читална“, првично наменета за студенти по архитектура и дизајн, на која тие ќе можат да се стекнат со вештини за мануелна работа со дрво.

Организаторите најавуваат дека урбаната интервенција од дрво има за цел да ги вклучи и останатите локални жители во средување на дворот на центарот за култура во Прилеп.

„Оваа интервенција има за цел да донесе нова и млада енергија, да ги предизвика младите луѓе од Прилеп да бидат вклучени во оплеменување на јавниот простор. Исто така има за цел да ги пренесе активностите од внатрешноста на објектот (читање книги, претстави, работилници) кон отворениот простор. Таа може да служи како сценографија за театарски претстави. Со својот игрив и динамичен дизајн е привлечна за најмалите деца со што тие ќе создадат цврста врска со центарот за култура како важна институција во градот уште од најмали нозе“, велат организаторите.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани лица кои сакаат да учествуваат во работилницата
да ја пополнат формата на следниов линк https://meleemskopje.com/1241-2/.

Сите прашања можат да се постават на urbanmodular.m@gmail.com

Учеството во работилницата е бесплатно, додека сите учесници ќе добијат сертификат и фотографии од изведен проект кои понатака можат да ги искористат за збогатување на своето портфолио.

Архитект на проектот е Сара Симоска. Проектот е организиран од МЕЛЕЕМ, а финансиран е од Министерството за Култура на Република Македонија.