Повик за млади за учество на хакатонот за климатски промени „Климатон Скопје“

Во организација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери (CEED Hub) Скопје, на 3 и 4 ноември во просториите на „INNOFEIТ“ ќе се одржи хакатонот за климатски промени „Климатон Скопје“.

Настанот, како што посочија организаторите е отворен за сите млади ентузијасти со иновативни идеи за решавање на климатските предизвици во Скопје преку дигитални решенија. Победничкиот тим ќе биде поддржан со 3.000 евра од Шпаркасе Банка за спроведување на предлог-решението.

„Скопје е еден од 60-те градови низ светот во коишто се организираат Климатони во исто време од годината, со цел развивање на решенија за локалните предизвици поврзани со климатските промени“, се додава во најавата.

Повикот за учество е отворен до 22 октомври, а заинтересираните треба да го пополнат формуларот за учество. Целосните детали за пријавување се достапни онлајн, а организаторите посочуваат дека работниот јазик на настанот ќе биде англискиot.

Настанот е дел од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум и CEED Hub Скопје.