Повик за млади за технички илустрации „Нова енергетска визија за Битола“

Младински културен центар (МКЦ) – Битола објави отворен повик за технички илустрации кој се фокусира на различните аспекти на производството, дистрибуцијата, складирањето и искористувањето на енергијата насловен како „Нова енергетска визија за Битола“.

„Повикот ја слави врската помеѓу уметноста и науката со прикажување на технички илустрации кои фрлаат светло на фасцинантниот свет на енергијата. Од обновливи извори до врвни технологии за складирање, овој повик има за цел да инспирира креативност и да промовира свест за практиките за одржлива енергија“, велат од МКЦ Битола.

Од таму ги покануваат учениците, студентите и сите млади на возраст од 15 до 35 години да учествуваат во, како што велат, оваа возбудлива можност.

„Создадете визуелни претстави кои ја доловуваат суштината на енергијата ‒ од нејзиното создавање до нејзиното влијание врз нашиот секојдневен живот. Без разлика дали сте млад и надежен уметник, научен и технички ентузијаст или и двете, ова е вашата шанса да придонесете за значаен дијалог во пошироката заедница“, повикуваат од МКЦ Битола.

Центарот посочува дека најдобрите записи ќе бидат прикажани на изложбата „Нова енергетска визија“ на 10 јуни во Europe House Bitola.

Првата награда на конкурсот е во износ од 6000 денари, додека сертификати за учество следат за сите избрани уметници. За наградите ќе одлучува жири комисија.

На изложбата ќе бидат претставени 20 избрани илустрации.

Крајниот рок за поднесување е 06.06.2024 година (четврток) до 15 часот.

„Во свет кој сè повеќе се потпира на одржливи енергетски решенија, визуелното претставување на техничките концепти игра клучна улога во подобрувањето на разбирањето и вклучувањето на јавноста. Овој повик има за цел да ја искористи креативноста и талентот на учениците и младите луѓе за да ги илустрира клучните аспекти на енергетските технологии, системи и нивните влијанија. Придружете се на енергетската револуција!“, се вели во повикот на МКЦ Битола.

За прашања и пријави е достапен мејлот mkcbt@t.mk.

Инаку, проектот „Битола без јаглен“ на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во чии рамки се предвидува оваа активност во соработка со Младински културен центар ‒ Битола, има цел подигнување на јавната свест за штетноста од користењето на фосилни горива при работењето на термоцентралите, особено во Битолскиот регион.