Повик за млади професионалци за програмата на Шведскиот институт

Академијата за млади професионалци на Шведскиот институт го отвори повикот за тренинг програмата чија цел е да ја развие свесноста, капацитетот и отпорноста во владеењето.

Повикот е наменет за млади професионалци од Западен Балкан кои сакаат да ги прошират своите познавања за модерното и одржливо владеење.

За 2023 година постои можност за аплицирање на следниве модули на програмата:

  • Колаборативно владеење во дигитална ера, Универзитет во Халмштад
  • Перспективи на владеење на повеќе нивоа, децентрализација и човекови права, Универзитет во Лунд
  • Миграција и интеграција: Предизвици и добри практики за развој на инклузивни општества – Универзитет во Гетеборг и Фондацијата за интеграција на Естонија
  • Одржлива е-Влада за отпорна и иновативна демократска јавна администрација, Универзитет во Линшепинг.

За учество во програмата покрај тоа што апликантите треба да бидат државјани или жители на некоја од земјите на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија или Србија), треба да имаат и добро познавање на англискиот јазик, најмногу 35 години, соодветно високо образование и да бидат вработени во една од следниве групи – носачи на политики (политичари, владини функционери, вработени во политички партии), јавна администрација или вработени во граѓанското општество.

Учеството во програмата е бесплатно, а сите трошоци како сместување, храна и патување во случај на теренски активности се покриени од Шведскиот институт.

Повикот е отворен до 5 април, а подетални информации за тоа како да аплицирате може да најдете на следниов ЛИНК.