Повик за HMC стипендии за средношколци

Непрофитната невладина организација HMC Projects in Central and Eastern Еurope (Headmasters’ and Headmistresses’ Conference) објави повик за стипендии за средношколци. Организацијата е составена од поранешни и сегашни директори како и професори од познатите приватни интернати во Велика Британија, а скоро 30 години доделува стипендии на ученици од 15 земји од централна и источна Европа, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.

За стипендиите можат да аплицираат ученици кои учат во прва и втора година средно (гимназиско) образование кои се комуникативни, креативни, подготвени за нови предизвици и прифаќање на други култури.

Учениците кои до 1 септември во учебната 2021-22 година наполниле 15 години и се на возраст од 15 – 16,5 години, можат да аплицираат за два вида на стипендии: полна (full scholarship) и редуцирана (reduced scholarship).

„За полна стипендија можат да аплицираат ученици чиј вкупен нето-приходи од родителите (старател/ите) не надминува 30.000 британски фунти, на годишно ниво. Учениците чии родители имаат заеднички нето приходи од 30.000 – 80.000 фунти, на годишно ниво, можат да конкурираат за редуцирана стипендија (70 – 80% од трошоците се покриени од страна на училиштето кое го превзема ученикот)“, стои во повикот.

Повеќе за стипендиите можете да се најде на веб страницата: edu-link.mk

„Целосната стипендијата опфаќа школарина за трета и четврта година средно училиште (Year 12 and Year 13) во најпрестижните интернати во Англија. Колку за споредба, за една школска година во овие училишта школарината изнесува помеѓу 30.000 и 40.000 британски фунти. Освен школарината, стипендијата ги покрива сите трошоци за сместување (во интернат), исхрана и учебници“, се вели во повикот.

Стипендирањето е во траење од две години, период во кој учениците ќе треба да ги завршат сите потребни курсеви за да можат да ги положат завршните испити.

Во документот за конкурсот се наведени сите услови кои кандидатите треба да ги исполнуваат за да можат да аплицираат.