Порталб: Капитални инвестиции 2022 – дел од институциите со поразителни резултати

Во својата најнова анализа, „Порталб“ пишува за капиталните инвестиции на државните институции. Во прилог ја пренесуваме анализата.

Некои институции и министерства со забрзано темпо во последниот месец од 2022 година ги „набилдаа“ капиталните инвестиции, но дел со поразителни резултати – минимално остварување на планираните проекти.

Капитални расходи на министерствата

Заклучно со ноември 2022, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 59,2%. Само за еден месец таа се искачува над 75%. Вообичаено е на крајот од економската година да се забрза остварувањето на јавните инвестиции, но сепак податоците покажуваат дека кај дел од институциите оваа ставка е „под мраз“.

Кај министерствата позначајна реализација има во Министерство за политички систем кое од 44.000 евра потрошило 93%, Министерството за економија од 11,5 милиони евра за јавни инвестиции потрошило 92%, МВР од вкупните средства во износ од 10,3 милиони евра реализирало 86,3%.

Министерството за култура реализирало 66,6% а Министерството за здравство кое имаше на располагање 10,7 милиони евра реализирало 63,6%. Министерството за земјоделство од буџетот за капитални расходи во износ од 20,4 милиони евра потрошило 63,5%, Министерството за образование од планираните 22,6 милиони евра реализирало 62,7% , остварувањето во Министерството за информатичко општество изнесува 61,6%.

Реализација на капитални расходи

Министерство за политички систем 93,0%

Министерството за економија 92,0%

Министерство за внатрешни работи 86,3%

Министерството за култура 66,6%

Министерството за здравство 63,6%

Министерството за земјоделство 63,5%

Министерството за образование 62,7%

Министерството за финансии од вкупниот буџет за капитални инвестиции во износ од 8,6 милиони евра реализирало 57,3%, Министерството за одбрана кое располагаше со еден од поголемите буџети во износ од 40,6 милиони евра, заклучно со крајот на ноември остварило 54%, Министерството за правда 43% а Министерството за надворешни работи е со 49% реализација на капиталните расходи.

Министерството за транспорт кое располагаше со 118,4 милиони евра за капитални расходи, на крајот на ноември реализирало само 33% а Министерството за животна средина 32,2%. Министерството за труд и социјална политика е со послаба реализација, од 12,3 милиони евра потрошило само 27% а дебакл има во Министерството за локална самоуправа со остварување од само 8,4 %.

Капитални инвестиции на институции

Од 92 000 евра за капитални расходи Претседателот на државата реализирал само 34,1%, незначителни 11,8% е остварувањето на Собранието кое располагаше со средства во износ од 1,5 милион евра а Владата пак од скоро 90 милиони евра потрошила 65,5%.

Институции со повисок степен на реализација се Агенцијата за разузнавање 99,2%, Државен завод за ревизија 79%, Дирекција за заштита и спасување од 1,4 милион евра потрошила 93,3%, во Агенцијата за ветеринарство од 2,3 милиони евра остварувањето изнесува 88%, Агенцијата за млади и спорт е со реализација од 77,6% а Дирекцијата за слободни економски зони со 54,8%.

Пониско ниво на реализација на капиталните расходи заклучно со крајот на ноември има во Царина каде од 1,6 милион евра потрошени се 21%, ДКСК 11,7%, Државната изборна комисија 5%, Дирекција за заштита на лични податоци 6,5%, од вкупниот буџет за капитални расходи во износ од 4 милиони евра, безбедносната агенција ОТА потрошила само 13,3%, Уставен суд само 8,3%, Секретаријатот за европски прашања од 246 000 евра реализирала само 3,5%, Агенцијата за примена на јазикот од 101 000 евра потрошила само 1,7% а УЈП од 2,1 милион евра потрошила само 0,4%.

Има институции кај кои остварувањето е пониско од 2% или воопшто нема и тие главно располагаат со скромни буџети за капитални инвестиции.