Анализа: Очекувања за новата 2022 – посилни капитални инвестиции, забрзана вакцинација, ценовен раст

Оваа 2022 та започнува со стари проблеми и ризици – ценовен раст, енергетска криза, битка со пандемија, можни нови рестрикции за заштита од ширење на коронавирусот кои би значеле нови кризни епизоди во економијата, пишува “Порталб“. Оптимистички – се очекува натамошен економски раст, но проследен со ризици поради брзото ширење на новиот омикрон вид на коронавирус.

Поскапа струја, ценовен раст …

За граѓаните оваа 2022 започна со зголемени цени на струјата – ќе се пресметуваат од 1 ви јануари. Дополнително поскапувањето од 9,48% ќе биде “зачинето“ и со укинатата евтината дневна тарифа за струјата. Во оваа 2022 та не само што ќе плаќаме поскапа струја – туку ќе се соочиме со можно натамошно зголемување на цените и на други производи. Економските аналитичари очекуваат “подгреана“ инфлација која би се одржувала до средината на оваа нова календарска година. Како ризик за подгревање на инфлацијата го посочуваат најавениот нов раст на минималната плата. Според аналитичарите годинава стапката на инфлација ќе се позиционира на 2,8% – наспроти претходните прогнози за стапка од 2,5%.

“Испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања во најголем дел со проблемите во синџирите на снабдување, повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата, но и со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 којашто би довела до зголемена домашна побарувачка. Исто така, испитаниците сметаат дека монетарните и фискалните мерки, како и растот на платите би придонесле кон повисок раст на инфлацијата. Сепак, испитаниците во најголем дел сметаат дека ваквите движења кај инфлацијата се со привремен карактер и дека од втората половина на 2022 година би можело да се очекува нивно постепено стабилизирање“ – се наведува во Анкетата на НБМ.

Според Владата во 2022 та сепак инфлацијата ќе се стабилизира на ниво не повисоко од 3%.

“Стапката на инфлацијата во 2022 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 2,4%, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината“ – се наведува во Буџетот за 2022.

Со цел да го ублажи ударот од ценовниот раст на почетокот од декември 2021 ва Владата донесе одлука за замрзнување на цените на поголем број на прехранбени производи – одлуката е на сила до 31 ви јануари, но според информациите веќе се разгледуваат и економските ефекти од можното пролонгирање.

Вакцинацијата и омикронот ќе му “пресудат“ на економското заздравување ..

Економското заздравување според аналитичарите – сепак ќе зависи од темпото на вакцинација и брзината на ширење на новиот ковид сој – омикронот. Од овие два здравствени фактори ќе зависи дали ќе се воведуваат нови рестриктивни мерки кои би значеле нова кризна епизода во економијата.

Според аналитичарите во 2022 се очекува економски раст од 3,3%, додека во 2023 та би се искачил на 3,5%. Економскиот раст освен од темпото на заминување на пандемијата ќе зависи и од реализацијата на капиталните инвестиции но и можниот датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

“Ваквите очекувања за растот  и натаму се поврзуваат пред сѐ со натамошната масовна имунизација во земјата и во странство, побрзото справување со ковид-19 во глобални рамки, пониската споредбена основа од минатата година, но и подобрите досегашни остварувања, зголемената странска и домашна побарувачка, преземените монетарни и фискални мерки, евентуалното започнување на преговорите за интеграција во ЕУ и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата (кај потрошувачите и инвеститорите) и зголеменото остварување на капиталните проекти посебно во доменот на транспортот и енергетската инфраструктура“ – посочуваат аналитичарите.

Додека економистите упатуваат на внимателност поради сеуште присутната пандемија, властите проектираат позначајно економско заздравување и стабилизација. Веќе стапи на сила новиот Буџет за 2022 – вреден 4,4 милијарди евра. Оваа година, како главен столб на економскиот раст според Владата ќе бидат Бруто инвестициите за кои е проектиран раст од 8,5%. Извозот треба да се зголеми за 8,3% а вработеноста за 3,1%.

И покрај очекуваното натамошно економско заздравување аналитичарите сметаат дека и оваа 2022 та ќе биде под превезот на ризици.

“Аналитичарите наведуваат дека постои висока неизвесност и ризици коишто би можеле негативно да се одразат врз идната патека на економски раст, како што се: продолжувањето на негативните ефекти од пандемијата на ковид-19, можното дополнително воведување заострени рестриктивни мерки како резултат на појавата на нови мутации на вирусот и недоволната ефикасност на веќе применуваните вакцини на овие мутации, намалувањето на домашната и странската побарувачка и воздржаност на домашните и странските инвеститори поради неизвесноста од пандемијата“ – се наведува во Анкетата на НБМ.

Извор: Порталб