Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ставен на „црната листа“ на САД

Бизнисменот и поранешниот македонски вицепремиер Кочо Анѓушев е ставен на американската „црна листа“ поради „значителна корупција“, соопшти Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.

Со оваа одлука на Анѓушев му се забранува влез во САД.

„Додека ја извршувал функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотребил својата службена позиција за корист на негови приватни бизнис интереси, со што ја поткопал довербата кај јавноста на Северна Македонија во владините институции и јавните процеси“, стои во образложението од Стејт Департментот.

Оттаму додаваат дека овој потег демонстрира дека САД ги поддржуваат оние во С. Македонија кои бараат одговорност за корумпирани јавни функционери.

„Оваа одлука ја повторува заложбата на САД за борба против корупцијата, која нанесува штета на јавниот интерес и економскиот просперитет на земјата, како и на можноста Владата ефективно да одговари на барањата на граѓаните“, додаваат од Стејт Департментот.

Кочо Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања во периодот од 2017 до 2020 година, во претходната Влада на премиерот Зоран Заев.

На „црната листа“ на САД, поради корупција последниов период беа ставени и поранешниот премиер Никола Груевски, екс-директорот на безбедносните служби Сашо Мијалков, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, како и бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко.