„Измените на Кривичниот законик предизвикуваат сериозна загриженост“ – борбата со корупцијата на тапет во новиот ЕУ извештај за С. Македонија

Владеењето на правото се издвојува како главен проблем на Северна Македонија во евроинтеграциите според новиот Извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава, во кој се наведува дека изминатава година нема направено никаков напредок во сферите на правосудството и борбата со корупцијата.

Извештајот испраќа критика дека и понатаму останале неисполнети препораките на Европската комисија, како подобрување на резултатите во високо профилирани случаи на корупција, соодветни човечки и материјални ресурси за обвинителствата и соодветно имплементирање на препораките на ГРЕКО.

Иако документот традиционално се пишува со прилично дипломатски јазик, во однос на измените на Кривичниот законик, кој предизвика застарување и проблеми кај многу процеси за високи македонски функционери, Европската комисија оваа година испраќа прилично директна критика.

„Корупцијата останува присутна во многу сфери и претставува предмет на загриженост. Беше изменет Кривичниот законик низ забрзана собраниска процедура. Максималните казни за специфични кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што направи последици врз брзината на застарување, како и стопирање или дури и прекин на голем број случаи на висока корупција, вклучително и случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство. Овие измени исто така ги попречуваат надлежните да истражуваат и да процесираат вакви кривични дела. Ова е прашање кое претставува сериозна загриженост“, пишува во извештајот.

Како еден од негативните примери е издвоено контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет, додека во Извештајот се наведува дека потребно е подобрување на резултатите на судските институции, а се додава и дека се доцни со нова стратегија за судски реформи.

Во однос на слободата на изразување Комисијата констатира „ограничен напредок“. Општиот контекст е поволен за медиумските слободи и критичко известување, но се додава дека биле регистрирани бројни напади, закани и заплашување кон новинари.

Ограничен напредок се регистрира и во образованието, каде се нотира дека имплементација на Стратегијата за образование (2018-2025) продолжила да се одвива со бавно темпо, како и развојот на соодветен систем за мониторинг. Истовремено се забележува напредок во воведување на насоки и програми за зајакнување на инклузивноста и промовирање на зелените вештини.

Во извештајот се потенцира дека буџетските трошоци кои се издвојуваат за образование се намалиле на 3,71% од БДП во 2022 година и понатаму се далеку под просекот на ЕУ од 5%.

Во културата се истакнува дека буџетските средства постојано се намалуваат последните три години, дека е потребна нова Национална стратегија за периодот 2023-2027, како и дека се потребни дополнителни напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на културното наследство и спречување на дивоградби.

„Ова ја вклучува заштитата на локалитетите на културно наследство од „особена важност“, како што се Охридското Езеро и Старата скопска чаршија. Културното наследство на земјата не е доволно заштитено“, стои во Извештајот на ЕУ.

Ограничен напредок бил регистриран и во областа на животна средина и климатските промени. Пофалени се усвоените планови за управување со Шар Планина и Осоговски Планини, но додаваат дека имплементацијата во сите сектори треба да се зајакне за да биде во тек со развојот на правото на ЕУ.

Минатогодишните препораки биле делумно исполнети, а во наредната година С. Македонија треба да имплементира конкретни мерки за аерозагадувањето на национално и локално ниво, операционализација на регионалниот систем за управување со отпад во источните и североисточните региони, како и значително зајакнување на административните и инспекциските капацитети со цел да се имплементираат структурните реформи опфатени со ова Поглавје.

Даниел Евросимоски и Мартин Колоски