Пендаровски го потпиша указот, вели дека не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата

Покрај големите реакции во јавноста, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпишa Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот“, стои во соопштението на сајтот на Претседателот.

Во тој дел, се вели во објавата, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.

„Претседателот Пендаровски очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да бидеприменувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот“, се вели во објавата.

Ова доаѓа по само неколку часа откако Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побараа од Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието.

Аргументирајќи за ветото, Платформата посочи дека, меѓу другото, промените во Кривичниот законик ќе водат кон застарување на многу случаи на висока корупција, како и дека ќе се демотивираат граѓаните да пријавуваат корупција.

„Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со: застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил; ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција; ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда. Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, рекоа од Платформата.

Претседателот Пендаровски да стави вето на измените на Кривичниот законик, побараа граѓански организации