Помилуван белорускиот новинар Роман Проташевич кој беше осуден на 8 години затвор

Белорускиот опозициски новинар Роман Проташевич кој беше уапсен во 2021 година откако на авионот во кој се наоѓаше му беше наредено принудно да слета во Минск, денеска е помилуван, објави белоруската државна новинска агенција БелТА, пренесува Ројтерс.

„Буквално штотуку ги потпишав сите релевантни документи во кои се наведува дека сум помилуван“, ја цитира БелТА изјавата на Проташевич. „Ова, се разбира, е одлична вест“, рече Проташевич.

Проташевич овој месец беше осуден на осум години затвор за повеќе дела, вклучително и поттикнување тероризам, организирање масовни немири и клеветење на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Белорускиот критички новинар, за чие апсење беше присилно приземјен авион, доби осум години затвор

Тој работеше како новинар во медиумот Некста, кој опширно известуваше за масовните протести против Лукашенко во 2020 година по претседателските избори кои опозицијата и западните влади ги оценија како наместени.

Основачот на Некста Степан Путило и поранешниот уредник Јан Рудик беа осудени во отсуство од истиот суд на 20, односно на 19 години затвор. Белорусија минатата година ја прогласи Некста за терористичка организација.

Инаку, 27-годишниот Проташевич во мај 2021 година се наоѓаше на лет од Грција кон Литванија, кога авионот наеднаш мораше да биде приземјен во белорускиот главен град Минск поради лажна дојава за бомба. По слетувањето тој заедно со неговата девојка беа уапсени. Западните лидери овој потег го нарекоа „киднапирање“ и повикуваа белоруските власти да го ослободат новинарот.