„Помеѓу две страници нежно“ – работилница за пишување и читање љубовни писма во Центар-Јадро

Под менторство и координација на Дарко Алексовски, меѓу 6 и 8 феврури во КСП Центар-Јадро ќе се одржи „Помеѓу две страници нежно“, партиципативна уметничка работилница за пишување и читање љубовни писма.

Работилницата е замислена како експериментално продолжување на серијата „Љубовни писма на осаменоста“, и е поделена во два дела. Првиот дел е сесија за пишување писма кои учесниците можат да ги посветат на конкретни личности, места кои ги сакаат, или, пак, себеси. Вториот дел е сесија за читање и снимање на писмата во аудио формат.

„Работилницата за пишување и читање љубовни писма е развиена од Дарко Алексовски како продолжение на неговото учество во програмата Soundgate на Лумпен Стејшн Радио (Швајцарија). Во делото инспирирано од неговите ‘Љубовни писма до осаменоста’, актерката Делфин Аиртон чита три од серијата љубовни писма, со глас кој лебди низ различни звучни пејзажи и лајтмотиви“, стои во најавата на Центар-Јадро.

Снимката од ова дело можете да ја слушнете на следниот ЛИНК.

Од Центарот велат дека резултатот од оваа работилница ќе биде аудио снимка компонирана од сите прочитани писма, која ќе биде објавена и претставена преку Лумпен Стејшн Радио.

Инаку, Дарко Алексовски, роден 1989 година, е визуелен уметник кој живее и работи во Велес. Првата серија „Љубовни писма до осаменоста“ ја продуцираше како дел од неговиот магистерски проект на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2018 година. Оригиналните писма првпат самостојно беа изложени во студиото на PrivatePrint (Скопје, 2019), а потоа и во рамки на 13. Биенале на млади уметници (Музеј на современата уметност, Скопје, 2021). Новите и ревидираните верзии од писмата, беа самостојно изложени во галеријата Простор (Сплит, 2023), и во рамки на групната изложба „Сè што ни е заедничко“ (Музеј на современа уметност, Скопје, 2023).