Центар-Јадро отвори повик за учество во работилница за применет и партиципативен театар

Во рамки на новиот проект Arts Hub на Културно-социјалниот простор Центар-Јадро ќе се одржи 6-дневна интензивна работилница за применет и партиципативен театар.

„Работилницата има за цел да креира контекст во кој, под водство на фасилитаторите, учесниците ќе ги разменат, прошират и надоградат своите знаења и вештини во областа на театарот и ќе стекнат нови знаења и вештини поврзани со различни алатки на партиципативниот театар и театарот применет во поширок општествен контекст. Запознавајќи се и со сензорниот театар и амбиенталниот (site-specific) театар, во рамки на работилницата учесниците ќе ги истражуваат можностите кои ги нуди применетиот и партиципативен театар за адресирање на важни и горливи општествени проблеми. Низ процесот тие ќе ги развијат своите идеи и ќе ги обликуваат во социјално ангажирани перформативни уметнички акции кои ќе бидат изведени за публиката на последниот ден од работилницата“, велат од Центар-Јадро.

Водачи на работилницата се: Јелена Вуксановиќ (писателка и сценаристка и театарски едукатор од Белград, Србија), Алесандро Ола (композитор и sound-artist, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија) и Демир Мекиќ (социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија).

Работните сесии ќе се одржуваат во просторот на Центар-Јадро (ул. Алберт Ајнштајн бр.2, поранешна месна заедница „Дане Крапчев“), а дел од работните сесии ќе се одржуваат и на различни локации низ градот.

Сите заинтересирани можат да се пријават во периодoт од 07 до 26 март на следниов ЛИНК.

Организаторите информираат дека за учество во работилницата за применет и партиципативен театар е добредојдено претходно искуство и вештини од областа на театарот/изведувачите уметности, но ова не е апсолутен императив. Најважно е учесниците да имаат ентузијазам, желба и волја да учат, работат и да се надградуваат во областа на применетиот и партиципативниот театар.

„Целта на работилницата е низ еден креативен процес, кој вклучува потрага по наратив значаен за овдешниот социо-политички контекст и со користење на техниките на театарот на угнетените, учесниците да добијат прилика да го испробуваат алтернативниот непосреден простор како театарски простор, да креираат мултимедијален сценски текст, по што ќе бидат спремни да создаваат своја ангажирана форма на театар“, велат од Центар-Јадро.

Повеќе информации за повикот можете да најдете на следниов ЛИНК.