Полицискиот час го прекршиле 12 лица, порталот за вадење дозволи делумно проработе

Од 22 часот синоќа почна да се применува одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните во периодот до 5 часот утрово, а во овој период е констатирано дека 12 лица не ја почитувале забраната за движење, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во текот на вчерашниот ден поради технички проблем на националниот портал за услуги, не постоеше можност да се извадат нови дозволи за движење на правни лица и на вработени во фирми. Ваквиот проблем со оваа дозвола сега е надминат, но сè уште има проблеми со дозволата за движење за физички лица кои обезбедуваат нега на трето лице, старо и изнемоштено лице, како и со други услуги кои се нудат на националниот портал.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) пред два дена ја известија јавноста дека од дозволите за движење кои министерството ги издаде во текот на минатата година, продолжуваат да важат само дозволите издадени на барање на правни лица и институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби. Сите физички лица кои ја добиле дозволата за службена цел, тие посочија дека може да ја испечатат од својата мејл адреса.

Ограничувањето на движењето на граѓаните, односно полицискиот час кој беше воведен поради состојбата со коронавирусот, ќе трае се до 22 март. За прекршување на ваквата мерка е предвидена паризна казна или затвор до една година за физички лица и парична казна до 30 милиони денари за правни лица.

Бројот на нови случаи со Ковид-19 во земјава, во последните денови се зголемува, додека бројот на активни случаи сега изнесува 9.845.

Технички проблем ги заглави новите дозволи за движење во полициски час