Полициски час од недела во 11 до вторник во 5 часот

Забраната за движење на граѓаните викендов, односно полицискиот час ќе почнува од недела во 11 часот и ќе трае до вторник во пет часот, објави премиерот Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.

Во сабота, на 23 мај, забраната за движење останува иста како и за сите други денови, од 19 часот до 05 часот наутро, се додава во статусот на Спасовски.

На денешната владина седница донесена е и одлука задолжителниот државен карантин за лица кои доаѓаат од странство да се замени со домашна изолација со приложен негативен ПЦР тест, информираат од Владата.

„На оваа седница е изменета и дополнета и Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои и со новите промени доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија, наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација“, се вели во соопштението на Владата.

Задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Во текот на изминатото деноноќие, во државава се регистрирани 23 новозаразени со новиот коронавирус, девет оздравени и едно починато лице. Досега вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава се искачи на 1.921 лица, бројот на оздравени пациенти е 1.387 лица, на починати 112, а моменталниот број на активни случаи изнесува 422 лица.

МЗ: 23 новозаразени, 9 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатите 24 часа