МЗ: 23 новозаразени, 9 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информирше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 9 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се нови 23 случаи на новиот коронавирус, односно, регистрирани се 12 случаи во Скопје, по четири случаи во Куманово и Тетово, два во Прилеп и еден случај во Неготино.

Од МЗ исто така информираат дека во болницата „8-ми Септември“ утрово починал 47-годишен пациент од Тетово со хронични заболувања. Пациентот вчера бил примен со симптоми на Ковид-19, а денеска бил потврден позитивен на коронавирусот.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1921, бројката на оздравени пациенти е 1387, на починати е 112, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 422“, информираат од МЗ.

Во изминатото деноноќие се направени вкупно 702 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 365 теста се во рамките на скринингот, велат од министерството, и додаваат дека не се регистрирани позитивни случаи на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје, во изминатото деноноќие се примени осум нови пациенти, а моментално се хоспитализирани вкупно 56 пациенти. Од нив, потешко болни и на кислородна поддршка се 32 лица, а критично болни и на механичка вентилација се двајца пациенти, се додава во соопштението на МЗ.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се шест нови лица, додека вкупно се хоспитализирани 16 пациенти. Од нив, на респиратор се пет лица, a со потешка клиничка слика се уште шест пациенти.

Досега во земјава се направени 24.018 теста на Ковид-19.