#Поларис: Зандани, змејови и скандали

На почетокот, ти и твојата група на авантуристи, потенцијални херои, се спуштивте во канализацијата на градот Дандавал, во обид да ја откриете мистеријата на исчезнувањето на група работници кои правеле рутински проверки во канализацискиот систем. На стартот делувате малку поопуштено, досега не сте наишле на некаков проблем. Потоа, господарот на занданата ја опишува вашата прва препрека: пред вас се собира една поголема група на стаорци. Бројот на стаорците постојано се зголемува, до толку што се спојуваат и набираат и создаваат една огромна чудовишна маса. Бидејќи твојот лик, полу човек-полу орк е силата на групата, вообичаено е да излезеш на мегдан со оваа маса.

Откако правиш успешно фрлање на коцката во поглед на твојот напад, задаваш прецизен и силен удар со твојот дворачен меч кон масата, но штетата, според господарот на занданата, е минимална. Сега ликот на крадачката, која обично нема улога на фронтален борец, се наоѓа на линија со тебе, во обид да ти помогне, овој пат со нејзин напад кон непријателот. Штетата е повторно минимална. После исцрпувањето на првите потези на твојата група, сега е на ред чудовиштето. Масата стаорци го напаѓа твојот лик, па по сторените калкулации на напад и штета, може да се каже дека ќе претрпиш значајна повреда. Но, благодарение на твојата статистика за умешност и конституција, некако успеваш да се одбраниш од нападот со мала повреда. Сега твојот тим е повторно на потег. Другарот кој го игра бардот знае дека неговиот лик е повеќе за позадинска поддршка, но сака прв да нападне. Можеби е залудно, ама му дозволуваш. Бардот со двете раце го зграпчува запалениот факел и го фрла (со успешно фрлање на коцката за поврзување на акција) кон ројот, по што истиот претрпува огромна загуба. Оние стаорци кои го преживеале овој напад, се распрснуваат на сите страни. Сега се маваш за чело и си викаш „како не ми текна на ова“, а имате волшебник во групата? Волшебникот слегнува со рамењата и се правда дека нема огнени магии. Барем има магија за лечење на полесни рани и лесно те исцелува од раната. Со една препрека помалку, продолжувате напред.

Во претходниот текст пишував за почетоците на Зандани и змејови (Dungeons and Dragons), најпопуларната друштвена игра на сите времиња. Ова е логичниот продолжеток за интересната историја. Со излегувањето во печат на Advanced DnD едицијата, може да се каже дека тимот на Гери Гајгакс го фаќа бранот на успехот, па периодот на 80-тите години од минатиот век е одбележан со стартот на многу проекти. Па така, покрај воспоставувањето на еден комплетен систем за играње, TSR започнува и со креирањето на митологијата на DnD, пред се со печатење на првиот книжевен серијал насловен Dragonlance, од перото на брачниот пар Трејси и Лаура Хикман. Подоцна следува ангажирањето на Ед Гринвуд, човекот кој е најзаслужен за создавањето на The Forgotten Realms, најпознатиот сетинг за играње во DnD. Иако ова предизвикува неконтролирано штанцање на премногу книги од кои повеќето се потпросечни, од Forgotten Realms книгите истовремено произлегуваат и неколку серијали со солиден пишан збор, како сагата за Дризт До’урден, легендарниот Мрачен Елф на писателот Роберт Ентони Салваторе. До денес сагата за Дризт брои најмалку 20 книги.

Да не се остане само на пишаниот збор, TSR склучи договор со Marvel Comics за издавање на стрипови од светот на Зандани и змејови. Воедно, во 1983 година ја имаме и првата епизода од цртаната серија Dungeons and Dragons, за група тинејџери од нашиот свет која ќе биде транспортирана во еден фантазиски свет исполнет со многу магии и опасности и каде мораат да најдат начин како да се вратат во нивниот дом. За да не им биде патувањето до посакуваната дестинација лесно, тука се наоѓа злобниот волшебник Венџер и Тијамат, кралицата на змејовите и негов смртен ривал, додека на тинејџерите од голема помош им е Dungeon Master (господар на занданата) кој на секој тинејџер му подарува специфично оружје кое доаѓа со своја магиска карактеристика. Постепената промоција со нови книги и стрипови придонела до стабилно зголемување на интересот на обичната публика за да и даде шанса на оваа друштвена игра. Сепак, овде не смее да се игнорираат и контроверзните аспекти на Зандани и змејови. Овде би можеле да се почешкате по глава и да се замислите – од каде пак може да бидат друштвените игри контроверзни? Во тој случај, драго ми е што прашавте.

Во 1980 година американската јавност била потресена од трагичната смрт на Џејмс Далас Егберт, студент по компјутерски науки на државниот универзитет во Мичиген. Иако за причините што придонеле за смртта постоеле неколку шпекулации, најмногу се истакнувала зависноста на Џејмс од друштвени игри, каде се верувало дека Џејмс до толку се соживеал со ликот што го создал, да не бил во состојба да разликува фикција од реалност, па поради тоа исчезнал од кампусот на подолг период верувајќи дека е заглавен во лавиринт во некој фантазиски сетинг, по што бил пронајден мртов.

Играта во прашање била Зандани и змејови. Иако немало цврсти докази за поврзаност на смртта на Џејмс со оваа друштвена игра, на теоретичарите им останала неодолива оваа поврзаност, па затоа на оваа тематика никнале и неколку медиуми, меѓу кои и романот Mazes and Monsters на писателката на трилери Рона Џејф. Во Mazes and Monsters приказната е центрирана на група на студенти кои многу сакаат да ја играат друштвената игра Лавиринти и чудовишта. Оваа зависност создала психичко пореметување кај Роби Вилинг, еден од студентите, кој верува дека тој навистина е волшебник (ликот кој го креирал за кампањата), и ја продолжува играта во реалниот свет целосно соживувајќи се во својата улога, немајќи можност да излезе од оваа, од него, создадена илузија.

Романот добил и своја адаптација како ТВ игран филм со истиот наслов, а улогата на Роби му припаднала на Том Хенкс (ова бил првиот филм во кој воопшто се појавил). Набрзо кампањата на инфамозност кај Зандани и змејови добила на поголем замав, со движења на американски христијански групи кои барале целосна забрана на оваа игра бидејќи промовира „ѓаволски работи“ и дека преку таа игра се расипуваат душите на младите, па преку играње на оваа игра, наивни тинејџери можат полесно да се врбуваат во тајни култови, да ги лажат своите родители и да практикуваат вештерства. На крајот, се испостави дека смртта на Џејмс не е последица на играњето на Зандани и змејови, хајката на групите замре, и ако ништо друго, барем се стекнавме со хумористичните анти-Зандани и змејови пропагандни стрипови на Џек Чик. Сите стрип панели можете да ги погледнете овде.

Негативна реклама на крајот е реклама, и секој публицитет бил добредојден за TSR во градење на голема фан база. Секако, било потребно известување до јавноста за тоа што точно е Зандани и змејови, дека тоа е само игра и дека играњето со друштво е само тоа, и ништо повеќе. И како што Гери Гајгакс после контроверзиите имал желби и планови за проширување на идеите на Зандани и змејови пред филмското платно, ТВ екраните и стриповите, TSR постепено влегувала во долгови.

Со оглед на тоа што ситуацијата била доста сложена, во TSR владееле две струи – финансиската, предводена од бизнис партнерите на Гајгакс, и гиковската која не се замарала до толку со финансиско работење, предводена од Гајгакс. Финансиските партнери на Гајгакс, кои помогнале во деновите на основањето на TSR посакале излез од компанијата со продажба на нивните акции. Гајгакс сакал да ги преземе нивните акции за да ја задржи контролата врз TSR, нешто што не се случило бидејќи партнерите претходно се согласиле за продажба на нивните акции на трета страна.

Со тој чин, Гајгакс не само што изгубил контрола врз TSR, туку и останал без работа во компанијата, делејќи ја истата судбина со Дејв Арнесон, коосновач и негов поранешен деловен партнер. Разделбата на Гајгакс од TSR го означил крајот на една ера, каде TSR продолжила по пат далеку поинаков од патот што го замислувал Гајгакс.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.