#Поларис: Денот кога Земјата стоеше мирно

Да зборуваме малку за вонземјани. Прашањето дали вонземјаните навистина постојат е многу интригантно бидејќи тоа повлекува исто така многу прашања со свои потпрашања. Ако навистина постои вонземски живот, тогаш како би изгледале нивните форми? Дали многу вонземски живи форми не оствариле контакт со нас бидејќи се примитивни и не достигнале цивилизациски развој што им овозможил да патуваат во вселената? Ако има вонземјани кои постигнале неверојатен технолошки развој, дали тоа значи дека нивната цивилизација е со посупериорна воена технологија со која тие би не покориле, или таа цивилизација повеќе се залага за мир? Додека не се случи вистински прв контакт, овие прашања, кои се дел од цела миријада прашања останува во доменот на сите можни научни и општествени дискусии. Првиот контакт не се однесува само на доаѓањето на вонземјани со свој вселенски брод, туку тоа се однесува и на нашата реакција, па како што вели народот, за танго се потребни двајца Како би реагирале ако некој вонземјанин слета на нашиот двор? Дали би биле исплашени, создавајќи избрзана реакција на страв и агресија, дали би дозволиле разумот да превладее? Како би ја оствариле комуникацијата? Моменталната атмосфера на овие хипотетски работи е повеќе наклонета на можноста дека било каков вонземски живот со посупериорна технологија од нашата ќе биде безмилосна кон нас. Овој текст сепак е за филм кој се крши со нашата примарна реакција.

The Day The Earth Stood Still (Денот кога Земјата стоеше мирно) е филмски наслов кој не ни е баш најпознат. Ова име не влегува во халата на најзапамтени филмови во комерцијална смисла, но кај фановите на научно фантастични филмови има посебно место по своето значење. Ако сепак името ве асоцира на филмот од 2008 година, тоа е римејкот со Киану Ривс и еден од полошите негови филмови. Ова е место за оригиналниот наслов од 1951 година во продукција на 20 Century Fox, година која означува почеток на летната матине шема во кино салите на САД. За подобро разјаснување на временскиот контекст – во тој период САД и остатокот од светот е во клинчот на Студената војна која се води помеѓу два поларизирани блока: САД и Советскиот Сојуз. Стравот и паранојата кај американската публика го раѓа меѓу другото и летното кино матине, нешто како прототип на американските блокбастер филмови.

Во летната сезона многу холивудски студија промовираат филмови каде разно разни чудовишта напаѓаат големи градови, монструозни вонземјани се појавуваат во слабо населени пустински места, а американската војска и авијација води бестрашни, но очајни битки со оваа напаст. Сепак во ова купиште на филмски наслови чија цел била лесна заработувачка на сметка на душевната состојба кај американските гледачи, Денот кога Земјата стоеше мирно е еден повик за поинакво согледување на нештата. Годината е 1951. Светот полека се закрепнува од последиците на Втората светска војна. Но крајот на таа војна го означува почетокот на Студената војна, идеолошки конфликт помеѓу САД и Советскиот Сојуз. Тензијата се зголемува со откривањето и користењето на атомската бомба, страшно оружје за масовно уништување кое паѓа во рацете на двете моќни држави. Можеби нема отворена војна со фронтови и биење битки, но линиите се подвлечени, а ситуацијата никако да се смири. Американските воени радари детектираат непознат летачки објект кој се приближува кон земјината атмосфера. За ова дознаваат сите светски новинарски агенции. Оваа вест се пренесува како разјарен оган, од Вашингтон до Буенос Аирес, од Истанбул до Калкута. Наскоро летачкиот објект се појавува над небото на Вашингтон, престолнината на САД и слетува на градскиот парк. Набрзо кон паркот итаат многу љубопитни случајни минувачи, како и војската. Од бродот не излегува никој и ништо, но тоа не значи дека армијата не е на штрек. После некое време, од леталото, кое изгледа како чинија, излегува човек со вселенски шлем и сива тенка униформа припиена за неговото тело, придружуван од џиновски робот. Посетителот се вика Клаату и бара средба со водачите на секоја држава од нашиот свет бидејќи носи важна порака. Да, постои живот надвор од нашата планета и тој живот има огромна технолошка и научна предност пред нас. А тој живот сака да знае дали ние сме закана за животот во вселената.

Овој филм не го издржал тестот на времето од очигледни причини и нема да им биде привлечен на многумина доколку се бараат добри виузелни и звучни ефекти и добра современа кинематографија. Но на крајот на краиштата, Денот кога Земјата стоеше мирно секогаш има место како многу влијателен филм барем во светот на научната фантастика. А предноста се наоѓа во неговата јасна порака. Клаату е вонземјанин со јасна намера кон луѓето – доколку една цивилизација достигне одреден степен на развиток од областа на науката и технологијата, тогаш истата таа цивилизација би требало да достигне развиток и на својот разум, мудрост и рационалност. А знаејќи ја човечката историја, тоа не е нашиот случај. И покрај нашите неверојатни достигнувања, ние не можеме да излеземе од јамата на нашата примитивност, па сеуште преовладуваат нашите желби за владеење, војување, освојување, експлоатирање и уништување.

Крајот на Втората светска војна го означи фрлањето на двете атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, чиј блесок им даде сигнал на понапредни цивилизации во вселената дека ние постоиме. Не само што постоиме, туку и нашето постоење може да претставува опасност за животот надвор од нашите граници. Ако нашата свест не еволуира со нашата технологија, тогаш навистина немаме граници за ужасите кои може да ги приредиме како колектив. Ако не знаеме како да бидеме разумни и одговорни со моќта со која располагаме, дали тогаш е оправдано да бидеме спречени од некои помоќни од нас, за доброто на сите?

Клаату е стоицистот од вселената. Тој ја има нашата љубопитност, дознавајќи многу работи за човештвото со ентузијазам кој не го искажува емоционално, пред да го добие конечниот одговор на прашањето – дали навистина сме закана за животот од вселената. Доколку не сме, односно, доколку се издигнеме над нашата примитивност и потенцијалното зло за кое сме способни, тогаш Клаату ќе му го понуди на човештвото своето место меѓу sвездите. Ќе бидеме дел од нешто поголемо, добивајќи ново значење на нашето постоење, ослободено од страв и страдање. Ако е спротивното, тогаш Клаату нема да има избор освен да ја уништи Земјата и нејзините жители. Ние, како личности кои веќе сме добиле јасно прашање, стоиме на другата страна на првиот контакт. Свесни сме за изборот и последиците од нашиот избор, но дали нашиот одговор е едноставен. Дали нашиот избор на прифаќање е навистина искрен, а не поради ултиматумот од уништување кој ни виси над глава како Дамоклов меч? Дали е сепак потребно време сите нации постепено да работат на меѓусебна доверба и мир во една речиси невозможна мисија? Дали би сакале до тој мир да стигнеме на свој начин без ултиматуми? Или тоа е само залажување за да продолжиме, иако за кратко, со старите навики.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.