Поддршка за Студентски пленум од Ману Чао

Францускиот изведувач со шпанско потекло, Ману Чао, на својата официјална Фејсбук страница објави фотографија на која пишува „Поддршка за Студентски пленум во Скопје“, со што се солидализира со студентите кои веќе три дена ја окупираат зградата на Филозофски/Филолошки факултет, а од вчера и зградата на Машински и ФЕИТ.

Студентите незадоволни од изгласаните измени во Законот за високо образование, со кои се воведува државен испит на универзитетите, во средата прогласија автономна зона и се решителни во тоа дека нема да си заминат додека не бидат исполнети нивните барања. Меѓу нив е и барањето за донесување на нов закон за високо образование во чиј процес ќе бидат вклучени и тие заедно со професорите од Професорскиот пленум.

Пленумците од самиот почеток добиваа поддршка од студенти и реномирани професори од регионот и ширум светот. Неодамна тие на својата Фејсбук страница објавија видео во кое активисти, професори и уметници дадоа поддршка за студентската автономна зона.

Воедно, за оние кои не се запознаени со тоа што претставува Студентски пленум и автономна зона, Пленумци објавија видео во кое го објаснуваат тоа. Тие потенцираат дека се решаваат на окупација бидејќи се игнорирани од надлежните и покрај протестите, маршовите и акции, а со окупацијата сметаат дека ќе создадат притисок за надлежните да ги слушнат нивните барања.